|
|
|
 |
Македонија |
ПРОПАГАНДИТЕ И ЦЕНЗУРАТА Koj ќе ги спречи лагите на антимакедонците? Во предговорот на книгата "Десетте лаги на македонизмот", потпишана од Божидар Димитров, издадена во Струмица, македонската нација, јазикот и државата се наречени "продукт на великосрпската државна политичка мисла"
Книги со радикална антимакедонска содржина го преплавуваат домашниот пазар, а надлежните креваат раменици и не преземаат ништо за да ги санкционираат тие појави. Последниве години најмасовни се книгите со бугарска пропаганда, кои во целост ги негираат нашата историја, државата и сите институции.
Книгите се печатат во земјава. Да биде парадоксот поголем, една од тие издавачки куќи го носи името на Блаже Конески. Во предговорот на книгата "Десетте лаги на македонизмот", потпишана од Божидар Димитров, издадена во споменатата издавачка куќа од Струмица, историчарот пишува: "Македонизмот како појава ќе исчезне и тоа не после сто години, туку многу порано. Затоа оваа книга ќе се обиде да ја раскаже на достапен за секој јазик, вистината за начинот по кој е изграден фундаментот на македонизмот, т.е. за оние коишто немаат ништо заедничко со историската наука. Македонската нација, јазикот и државата се продукт на великосрпската државна политичка мисла".
Со ваква увертира, во неколку поглавја и во истиот стил, Димитров ги навредува сите наши историчари, а бескомпромисно ја наметнува бугарската идеја за негирање на Македонија. "Според луѓе од Скопје, коишто бесрамно се нарекуваат историчари, Кирил и Методиј биле Македонци, а ја создале македонската азбука, т.н. глаголица. Такви докази во древните хроники и житија на светите браќа, се разбира, нема", пишува Димитров.
Овој човек им е познат на нашите историчари од Институтот за национална историја.
Според директорот на институтот, Тодор Чепреганов, автори како Димитров има многу и никој не може да ги спречи во ширењето на лагите и на пропагандите.
- Луѓето како него и нивните писанија ни се познати, бидејќи таа литература доаѓа до нас. Тие пропагираат некаков бугарски карактер на Македонија и работат за бугарската кауза. И покрај тоа што сме револтирани, Институтот не е надлежен да направи нешто за цензура на тие изданија. Нивниот наплив е преголем, токму како и пред еден век - вели Чепреганов.
Министерството за култура нема механизам да го спречи издавањето на книгите што не се со негова субвенција. Единствената законска можност да се спречи ова издаваштво е постапката на цензура. Пријавите за книги со антидржавни содржини може да ги поднесе индивидуалец или институција, па потоа случајот оди до јавниот обвинител. | | | |
 |
|
 |